
Мисија:
Обезбедува воздушна поддршка и транспорт на единиците на Армијата, набљудување на воздушниот простор на Републиката и ПВО на елементите на борбениот распоред на единиците, позначајни објекти на мали височини, да обезбеди целосен суверенитет на државниот воздушен простор, како и учество во операции за поддршка на мирот надвор од државата. Воедно при елементарни непогоди и катастрофи врши цивилно пребарување и спасување, гаснење на пожари и медицинска евакуација.
Задачи:
- Координација и контрола на плановите на потчинетите единици;
- Планирање и реализација на мерки, активности и постапки за подигнување на нивото на борбена готовност согласно проценетата безбедносна состојба и добиените наредби;
- Планирање и реализација на активности и постапки за поддршка на централната и локалната власт во справување со елементарни непогоди;
- Организација и спроведување на набљудување, контрола и обезбедување на суверенитетот на воздушниот простор на Републиката;
- Постојано следења на воздухопловите во воздушниот простор над Републиката;
- Навигациска помош на воздухопловите ;
- Идентификација на воздухопловите во воздушниот простор над Републиката;
- Дистрибуција на слика за состојбата во воздушниот простор до заинтересираните корисници;
- Автоматска дигитална размена на податоците за ситуацијата во воздушниот простор на регионално ниво;
- Подготовка за извршување на мобилизација;
- Постигнување и одржување на борбената готовност;
- Обука на персоналот за учество во мултинационални операции и мисии за одржување на мирот и борба против тероризмот;
- Учество на вежби со НАТО и коалиционите партнери.
Полковник Драган Павловски
Дата и место на раѓање: 29.10.1975 година во Куманово, Република Македонија.
Образование
Во периодот од 1990 – 1994 година учел во гимназија „Гоце Делчев“, во Куманово, а во периодот од 1994 – 1998 година студирал и дипломирал на Правниот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје (отсек: Меѓународна дипломатија).
Со претходно повеќегодишно летачко искуство, во текот на 2002 година успешно го завршил стручното оспособување и усовршување за офицери при Воената академија во Скопје, насока: Авијација. Обуката ја завршил како пилот на авион Злин 242Л.
Се стекнува со звања прв пилот, инструктор и наставник по летање на транспортен хеликоптер Ми-8МТ/17, како и пилот од 1-ва категорија.
Во периодот од 2015 – 2016 година ја завршил Воздухопловната командно штабна академија (Air Command and Staff College, ACSC) при Воздухопловниот универзитет во Воздухопловната база Максвел во Монтгомери, Алабама, САД.
Воена кариера
Воената кариера ја започнува како пилот во школско тренажен сквадрон. Во досегашната кариера извршувал повеќе командни и штабни должности во сквадрон на транспортни хеликоптери, сквадрон на борбени хеликоптери, Команда на вВИНГ и Здружена оперативна команда. Од 2020 до 2025 година бил упатен на меѓународна должност во седиштето на НАТО во Брисел, а по враќањето продолжува со работа во Министерството за одбрана.
Во досегашната кариера има добиено 77 признанија, пофалници, благодарници и сертификати за својата работа, како и за учество на домашни и меѓународни активности.
Меѓународни признанија
- Од страна на поранешниот висок претставник на ЕУ и поранешен генерален секретар на НАТО, д-р Хавиер Солана, има добиено два Сертификати и одликуван е со два Медали за служба во Европската одбранбено безбедносна политика (The European Security Defense Policy Service Medal) за учество во мисиите при Европската унија – операција ALTHEA во Босна и Херцеговина, во времетраење од вкупно две ротации, во 2006 и 2008 година.
- Од страна на Началникот на Штаб на НАТО Командата за здружени сили во Неапол, генерал-потполковник General Antonio Vittiglio (NATO JFC Naples, Italy) има добиено сертификат за одлична реализација на вежбата REGEX 19 во улога Офицер со примарна одговорност (OPR).
- Во периодот од 2020 – 2025 година бил упатен на меѓународна должност во рамките на Постојана делегација на Северна Македонија во седиштето на НАТО во Брисел, Кралство Белгија. За таа цел има добиено благодарници од НАТО за учество во работа на комитетите и работните тела од област на ВВ и ПВО.
Учество на позначајни курсеви, семинари и обуки
- Летачка обука и стекнување со звање Пилот на ВВ и ПВО, Скопје, 2002 година;
- Курс за инструктори, Техники за воена обука и инструкции, Скопје, 2003 година;
- Курс за НАТО оценувач, ниво 1, OCC Evaluator Training Course, Сковде, Шведска, 2007 година;
- Семинар за приеми, протоколи и други воени манифестации на ЕУФОР, Сараево, Босна и Херцеговина, 2008 година;
- Курс за НАТО оценувач, ниво 2, напредно ниво, TACEVAL, НАТО училиште, Оберамергау, Германија, 2009 година;
- Курс за НАТО оценувач, практичен завршен дел, Букурешт, Романија, 2010 година;
- Курс за штабни должности, Воена Академија, Скопје, 2010/2011 година;
- Семинар за планирање мисија на авијациски единици, тим од Вермонт-САД, Петровец, 2012 година;
- Семинар за справување со ризици, тим од Вермонт-САД, Петровец, 2012 година;
- Семинар за воздушно пребарување и спасување, Центар за безбедност „RACVIAC“, Загреб, Хрватска, 2012 година;
- Курс за медиа инструктор во Регионалниот центар за односи со јавноста (PARC) при Министерството за одбрана, 2012, 2013 и 2014 година;
- Семинар од НАТО за заштита на животната средина и менаџирање во воени услови, Охрид, 2015 година;
- Курс за Процесот во НАТО за планирање на вежби, Подгорица, Црна Гора, 2016 година;
- Курс за НАТО Инфо Операции, НАТО училиште, Оберамергау, Германија, 2017 година;
- НАТО семинар за хеликоптери, Краков, Полска, 2017 година;
- Курс за „Отворено небо“, НАТО училиште, Оберамергау, Германија, 2018 година.
- Регионална колективна обука од НАТО за планирање на вежби, тим на експерти од Здружената команда на НАТО во Неапол, Скопје, 2018/2019 година;
- Семинар за менаџирање на кризи и кризни состојби, Скопје, 2019 година.
Учество на домашни и меѓународни вежби
- Домашни вежби: Македонски Блесок, Балкански Блесок, 2010 година, Предизвик, 2011, 2012 и 2018 година, Longbow Lancer, 2012 година, B-9, Wise Wolf, 2012 година, Здружена реакција, 2017 година, Есенска бура, 2018 година и Регионална вежба REGEX, 2019 година.
- Меѓународни вежби: Cooperative Key, 2005 година, Пловдив, Бугарија; Eagle SAR, 2005 година, Тирана, Албанија; Контрола на вооружување, 2008 година, Рованиеми, Финска; Logical Decision, 2010 година, Папа, Унгарија; VIKING 11, 2011 година, Ливгарден, Шведска; Rapid Trident, 2012 година, Лвив/Лвов, Украина; Logical Decision, 2012 година, Солнок, Унгарија; Immediate Response, 2013 година, Загреб, Хрватска; Immediate Response, 2014 година, Постојна, Словенија; Adriatic Strike, 2018 година, Церкље, Словенија; Anatolian Phoenix, 2019 година, Коња, Турција и REGEX 20, 2020 година, Рабат, Мароко.
Позначајни работни активности и ангажмани
Полковник Драган Павловски учествувал во активности како НАТО оценувач, ниво 1 и ниво 2 во државата и во странство. Бил првиот координатор за започнување на мисијата за Заштита и надзор во воздушниот простор на Република Северна Македонија (Air Policing), член за спроведување на стратешката цел за NATINAMDS во состав на Работната група за пристап и интеграција на Република Северна Македонија во НАТО, член на Работна група за стандардизација од областа на ВВ, операции и вооружување, член на Работна група за изработка на СОП, одговорен за имплементација на Партнерските цели од военото воздухопловство, а подоцна и национален претставник во НАТО комитети и работни тела.
Полковник Драган Павловски бил лидер на Интегрираниот проектен тим за набавка на повеќенаменски транспортни хеликоптери, како и Проект – менаџер за довршување на модернизација на хеликоптерите. Тој е инструктор во Регионалниот центар за односи со јавноста (PARC) при Министерството за одбрана како единствен НАТО акредитиран центар во државата од областа на односите со јавноста и стратегиските комуникации во Алијансата. Исто така бил предавач во Воена Академија „Генерал Михаило Апостолски“, Скопје, како Стручњак од практика во воздухопловството. Активно пишува текстови за списанието ШТИТ од областа на НАТО и Военото воздухопловство.
Полковник Драган Павловски е оженет, татко на две деца.
Полковник Игор Чкоров
Полковник Игор Чкоров е роден на 24.04.1974 година во Загреб, Република Хрватска. По завршување на основното и на средното електро-техничко образование во Загреб, продолжува со студирање на Машински факултет во Скопје. Во 2002 година завршува курс за оспособување и усовршување за офицери на авијација во Воена Академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје.
Воената кариера ја започнува како пилот во школско тренажен сквадрон. Во досегашната кариера извршувал повеќе командирски и командантски должности на ниво на флајт и сквадрон, како и началнички во командата на вВИНГ. Од 31.12.2021 година е поставен за Заменик на Командантот на вВИНГ.
Пилот е на авион Злин 242л и пилот и наставник по летање на хеликоптер Ми-24.
Учествувал на повеќе воени вежби во државата и во странство, меѓу кои Блесок, Предизвик, Logical Decision, Adriatic Strike и други. Во надградување на военото образование има завршено курс за инструктори, обука за летање со NVG во Франција, воздухопловна термиологија во Турција, курс за оценувачи по TACEVAL во Германија и Командно Штабна Академија на Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје.
Повеќе пати е наградуван и пофалуван. Активно го користи англискиот јазик. Полковник Игор Чкоров е оженет, татко на две деца.
Претходни должности:
Во досегашната кариера ги извршува следните должности:
- Пилот во школско тренажен сквадрон, 2002-2004 година,
- Пилот во борбен хеликоптерски сквадрон 2004-2005 година,
- Пилот-заменик командир на летачки флајт во борбен хеликоптерски сквадрон, 2005-2008 година,
- Командир на летачки флајт во борбен хеликоптерски сквадрон, 2008-2011 година,
- Офицер за операции-заменик командир на борбен хеликоптерски сквадрон, 2011-2013 година,
- Началник на штаб – заменик командант во сквадрон за борбени хеликоптери 2013-2015 година,
- Командант на сквадрон за борбени хеликоптери, 2015-2020 година,
- Началник на Секција за операции и борбена готовност во командата на вВИНГ, 2020-2021,
- Заменик на командантот на вВИНГ, од декември 2021 година.
Унапредувања:
- Поручник 2002-2006,
- Капетан 2006-2011,
- Мајор 2011-2016,
- Потполковник од 2016,
- Полковник 2023.
Главен наредник Тони Алексиќ
Главен наредник Тони Алексиќ роден е на 08.12.1973 година во Куманово. Оженет и татко на две деца. По завршувањето на основното образование во Куманово и на средното воено училиште на Воено воздухопловство и противвоздушна одбрана во Рајловац – Сараево, се произведува во чин водник на Военото воздухопловство. Воената кариера ја започнува во 1997 година во Полкот за врски на СЈВ „Водно“. Во 2001 година добива прекоманда во ВВ и ПВО на АРМ како техничар по авиовооружување во авијациски сквадрон. По завршената обука во 2005 година се стекнува со звање летач-оператор-навигатор на хеликоптер МИ-24. Во 2014 година стекнува звање техничар летач инструктор, а во 2020 година стекнува звање техничар летач наставник. Учествува во повеќе воени вежби во земјата и странство. Повеќе пати е пофалуван и наградуван. Има добиено сребрена значка за служба во Армијата и златна значка за партнерство, координација и соработка.
Претходни должности
- Оператор по врски во Полкот за врски на СЈВ Водно од 1997 до 2001 година;
- Техничар по воздухопловно вооружување во Авијациски сквадрон на ВВ и ПВО на АРМ од 2001 до 2005 година;
- Летач-оператор-навигатор во Сквадрон на борбени хеликоптери од 2005 до 2018 година;
- Подофицер за буџет и финансии во Секција А-8 во Командата на вВИНГ од 2018 до 2023 година;
- Главен подофицер вВИНГ од 2023 година.
Унапредувања
- Водник 1 класа од 2001 до 2009 година;
- Постар водник од 2009 до 2012 година;
- Постар водник 1 класа од 2012 до 2016 година;
- Наредник од 2016 до 2023 година;
- Главен наредник од 2023 година.


Военото воздухопловство на Република Македонија е конституирано со одлука на првиот претседател на Република Македонија, г-дин Киро Глигоров на 10 април 1992 година. Со тоа е конституирана командата на ВВ и ПВО, Авијациска Бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски сквадрон.
По повод првиот историски лет на македонското воено воздухопловство со авион од типот УТВА-75, 10 јуни се слави како ден на македонското воено воздухопловство и противвоздушната одбрана.
Генерално развојот на Военото воздухопловство во Република Македонија се движеше на следниот начин:
- Воздухопловна бригада, во состав на Здружената Оперативна Команда од 2012 година;
- Воздухопловен ВИНГ, во состав на Здружената Оперативна Команда од 1видекември 2005 година (Командата на ВВ и ПВО е укината на 30ти септември 2005 година);
- Воздухопловен ВИНГ, во состав на Командата на ВВ и ПВО од 2002 година;
- Авијациски баталјон, во состав на Командата на ПВО и ВВ од 2001 година;
- Воздухопловна бригада од 1994 година;
- Авијациска бригада, формирана од 1992 година.
2012 ГОДИНА
- Во текот на месец февруари, поради големите врнежи од снег и неповолните метео услови проследени со чести врнежи и ниски температури, вВИНГ беше ангажиран за доставување помош во храна, течности, лекови и хигиенски средства неопходни за домаќинството во повеќе завеани места во Република Македонија. Со армиските хеликоптери се евакуираа и жители од одредени локални единици со сериозни здравствени проблеми. Покрај евакуациите, хеликоптерите носеа екипи на МЕПСО и ЕВН кои требаше да ги проверуваат и одржуваат инсталациите и мрежите;
- Имплементацијата на новата структура која претпоставува трансформација на ВИНГ-от на АРМ во Воздухопловна бригада, како и објавувањето на конкурсот за прием на кандидати во Центарот за обука на пилоти беа во фокусот на повторната посета на министерот за одбрана, заменик-министерот Емил Димитриев и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески на Воздухопловната бригада во Петровец.
2011 ГОДИНА
- Како резултат на Договорот за соработка помеѓу Министерствата за Одбрана на Република Македонија и Црна Гора, се изврши упатување на припадници на вВИНГ на школување на Воздухопловна Академија во Р. Црна Гора. Тројца поручници заминаа на обука за пилот на хеликоптер „Газела“, а нивните резултати само го потврдија квалитетот на обуката и знаењата со кои се стекнаа пилотите во Сквадронот за обука и тренажа;
- Припадниците на Баталјонот за противвоздушна одбрана и воздухопловниот ВИНГ на АРМ заедно со припадниците на Вооружените сили на Република Словенија – Бригадата за воено воздухопловство на Словенија од 24-ти септември учествуваа на билатералната воена вежба „Предизвик 2011“.
2010 ГОДИНА
- Во текот на годината беше извршено самооценување Ниво 2 на декларираниот Хеликоптерскиот деташман за време на вежбата Балкански Блесок 2010;
- На меѓународен план се истакнува учеството на еден хеликоптер Ми-8/17 и два хеликоптери Ми-24 со персонал од 35 луѓе на LiveEx меѓународната вежба „Logical Decision 2010“ во Папа, Република Унгарија.
2009 ГОДИНА
- Уште една потврда за посветеноста на воздухопловниот персонал во АРМ беше презентацијата и боевото гаѓање реализирано на 26-тиноември 2009 година на аеродромот „Александар Велики“ и на армискиот полигон „Криволак“.
2008 ГОДИНА
- Трагична година за Република Македонија, воздухопловството и семејствата на настраданите. Во текот на годината се случи воздухопловната несреќа со хеликоптерот Ми-17 со евиденциски број ВАМ-304 на ден 12тијануари 2008 година, во месноста Катлановско Блаце. Животот го загубија сите 11 припадници во хеликоптерот од вВИНГ;
- Исто така се изврши НАТО оценување ниво 1 на декларираниот хеликоптерски деташман во рамките на вежбата „Македонски Блесок 04“ во периодот од 21ридекември до 2ри ноември.
2007 ГОДИНА
- Мандатот на првата ротација од македонскиот хеликоптерски деташман беше до јануари 2007 година кога беше извршена смена на персоналот со втора ротација;
- На 9тијануари 2007 година во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа пригодна свеченост по повод испраќањето на вториот македонски контингент.
2006 ГОДИНА
- На 22римај 2006 година, Собранието на Република Македонија донесе Одлука за испраќање на единица на АРМ за учество во мировна операција на Европската Унија во Босна и Херцеговина ЕУФОР, АЛТЕА. Единицата односно хеликоптерскиот деташман беше составен од два хеликоптери Ми-8/17 и персонал од составот на воздухопловниот ВИНГ.
2005 ГОДИНА
- Заклучно со месец ноември, согласно трансформацијата на единицата, вВИНГ-от помина од составот на ВВ и ПВО под команда на Здружената оперативна команда (ЗОК) во Куманово;
- Втората значајна меѓународна активност е учеството на вежбата „Eagle SAR 05“ со хеликоптери и потребен персонал, на аеродромот Фарка во непосредна близина на Тирана, Албанија;
- Во присуство на високи претставници на Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, како и на претставници на израелската компанија Elbit SISTEMS Ltd., официјално беа промовирани првите пилоти-инструктори за оперирање со системот за ноќно летање (ANVIS/HUD-24) на АРМ. Тој систем беше неодамна вграден на хеликоптерите Ми-24 и Ми-17.
2004 ГОДИНА
- Во почетокот на 2004 година тренажниот сквадрон на воздухопловниот ВИНГ во својот состав доби дополнителни два авиона од типот ЗЛИН-242Л и еден четворосед ЗЛИН-143Л. Воздухопловниот ВИНГ овие авиони ги изнајми од Управата за цивилна воздушна пловидба (УЦВП), со што во својот состав имаше седум школско-тренажни авиони;
- Истовремено започнаа подготовките и обуката на декларираните сили во рамките на Хеликоптерски деташман составен од 2 хеликоптери Ми-8/17 и соодветен летачки и технички персонал заради можно учество во меѓународни мировни мисии;
- Годинава се започна со проектот за модернизација на воздухопловите со системот за ноќно летање. За проект менаџер беше назначен мајор Драган Неделковски.
2003 ГОДИНА
- Во текот на 2003 година во составот на ВВ и ПВО беа следните команди и единици: командата на ВВ и ПВО, воздухопловен ВИНГ, 3.баталјон ПВО, баталјон ВНЈ, баталјон за обезбедување и логистичка поддршка и падобранско-диверзантскиот одред;
- Во материјалната формација на ВИНГ-от на 8 јули 2003 година влегува еден авион Ан-2 како резултат на соработката и потпишаниот договор помеѓу Министерството за одбрана и Аеро клубот „Доне Божинов“ од Куманово;
- Припадниците на ВИНГ-от земаа учество на вежбата „Кооперативен клуч-2003“ во рамките на Програмата на НАТО и Партнерството за мир, што се одржа од 1 до 13 септември на воениот аеродром „Граф“ – Игнатиево во близина на Пловдив, Бугарија. Македонскиот контингент на „Кооперативен клуч-2003“ учествуваше со персонал од 45 луѓе, два борбени хеликоптери „Ми-24“ и еден транспортен хеликоптер „Ми-17“.
2002 ГОДИНА
- Новата организациска структура која стапи на сила доведе до реорганизација и промена на Авијацискиот баталјон во Воздухопловен ВИНГ;
- На меѓународен план помеѓу другото успешно заврши подготовката на вежбата „Кооперативен клуч 02“. Истата беше реализирана во местото Сент Дизиер, Франција во периодот од 20тисептември до 8ми декември, со учество на 24 припадници и два хеликоптери „Ми-17“.
2001 ГОДИНА
- Придонесот кој македонското воено воздухопловство го даде за време на кризата од 2001 година е неспорен. Сумирано, за време на безбедносната криза военото воздухопловство беше принципиелно организирано во Авијациска бригада која беше потчинета на Командата на ВВ и ПВО;
- Во состав на Авијациската бригада се наоѓаа три летачки сквадрони: 101. авијациски сквадрон опремен со три авиони „Злин 242Л“ и четири авиони „Су-25“, потоа 201. борбен хеликоптерски сквадрон опремен со 12 хеликоптери „Ми-24“ и 301. транспортен хеликоптерски сквадрон опремен со два хеликоптери „УХ-1Х“, три хеликоптери „Ми-17“ и четири хеликоптери „Ми-8МТ“;
- Во периодот од 17 март до 4 септември, авијацискиот баталјон прими четири хеликоптери „Ми-8“ за транспортната хеликоптерска чета, 10 хеликоптери Ми-24 за борбената хеликоптерска чета, 2 хеликоптери „УХ-1Х“ и 4 авиони „Су-25“ за авијациска борбена чета. Од податоците се гледа дека во период од три месеци беа примени четири типови воздухоплови.
2000 ГОДИНА
- Оваа година, дел од припадниците на Воздухопловната бригада учествуваа на НАТО ПзМ вежбата Кооперативен клуч во Констанца, Романија во периодот од 4тидо 14ти септември со два хеликоптери „Ми-17“.
1999 ГОДИНА
- Годинава, военото воздухопловство беше вклучено и во изведувањето хуманитарни мисии за дотур на вода, храна и медицинска помош до камповите исполнети со бегалци од Косово;
- Севкупниот летачко-техничарски состав се пребазираше и логоруваше на аеродромот Сушево во Штип.
1998 ГОДИНА
- Во текот на годината стекнати се нови искуства кај голем број наши старешини со учеството во следните мултинационални вежби: „Кооперативен зенит“ – САД, „Цврста определба“ – Италија, „Кооперативна определба“ – Бугарија, „Олимпија“ – Грција, „Најдобар кооперативен зафат“ – Бугарија и „Кооперативен клуч“ – Турција.
1997 ГОДИНА
- Годинава беа дефинирани целите на единиците. Авијациската ескадрила од Воздухопловната бригада требаше да ја заврши започнатата преобука на авионот Злин 242Л со сите пилоти;
- Транспортната хеликоптерска ескадрила работеше на одржување на постигнатиот степен на тренажа и оспособување за извршување задачи во основната и помошната намена на хеликоптерот Ми-17 до неговите крајни можности.
1996 ГОДИНА
- На почетокот на годината од Р. Чешка пристигаат школско-тренажните авиони од типот ЗЛИН-242. Школско-тренажниот авион ЗЛИН-242Л со евиденциски број VAM-102, Z3-DCN беше првиот од трите набавени авиони во 1996 година.
1995 ГОДИНА
- Годината се изврши набавка на еден радар NAR M-61 и истиот се пушти во работа.
1994 ГОДИНА
- На ден 28мијуни 1994 година, во 09:32 часот единиците на ВВ и ПВО го добија првиот хеликоптер од типот „Ми-17“. Подоцна беа набавени уште три хеликоптери од истиот тип. Така Република Македонија успеа да купи и да го опреми сопственото воено воздухопловство со четири нови, цивилно-конфигурирани, средни транспортни хеликоптери од типот „Ми-17“.
1993 ГОДИНА
- Авијациската бригада (абр) беше составена од: команда, две авијациски ескадрили (ае), противоклопна хеликоптерска ескадрила (похе), транспортна хеликоптерска ескадрила и одделение за извидување и врски.
1992 ГОДИНА
- На 10тиаприл 1992 година првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров ја потпиша Одлуката број 60 за формирање на Команда на Воено Воздухопловство и Противвоздушна Одбрана;
- Военото воздухопловство и противвоздушната одбрана го сочинуваа: команда на военото воздухопловство и противвоздушна одбрана, авијациска бригада, лесен артилериски ракетен полк ПВО, полк ВНЈИН и воздухопловна база;
- Согласно Планот за летање од 9тијуни 1992 година, изработен за летачкиот ден 10ти јуни 1992 година, како прва македонска посада кои полетаа беа старешините мајор Дане Илијевски и капетан Александар Манев, со авион од типот Утва-75 во периодот од 10.15 до 10.35 часот во пилотажна зона Драчево. Во чест на тој историски настан, 10ти јуни традиционално се слави како ден на македонското воено воздухопловство.